Македонија

ДЗР алармира: Фотоволтаични централи се одобрувале без соодветно планирање

ДЗР алармира: Фотоволтаични централи се одобрувале без соодветно планирање

Соларната експанзија во Македонија се одвивала без доволно контрола и јасно планирање, покажува најновиот извештај на Државниот завод за ревизија. Во периодот од 2022 година до мај 2025 година, институциите издавале дозволи за изградба на фотоволтаични електроцентрали во услови на правни празнини, недоволна координација и слаб теренски надзор.

Државните ревизори утврдиле дека во тој период не постоел функционален систем кој ќе обезбеди навремено планирање на новите капацитети од обновливи извори на енергија. До мај 2025 година не бил донесен ниту Индикативен план за изградба на капацитети од обновливи извори, што создало дополнителни проблеми при одобрувањето на поголемите енергетски проекти.

Особено внимание во извештајот привлекуваат три случаи со фотоволтаични централи со моќност од 19, 174 и 337 мегавати. За нив дозволи биле издадени од локални самоуправи, иако според ревизорите станувало збор за објекти од државно значење за кои надлежност имале ресорното министерство и Владата.

Ревизијата покажала и дека инвеститорите не биле третирани на ист начин. Кај одделни постапки имало разлики во висината и начинот на плаќање на комуналните надоместоци, како и во роковите и документацијата што се барала. Дополнително, институциите давале согласности без целосно да се провери дали електроенергетската мрежа има доволен капацитет за прифаќање на новите производни капацитети.

Со новиот Закон за енергетика од мај 2025 година бил воведен поинаков систем на планирање, но ревизорите утврдиле дека проблемите не исчезнале целосно. Во подготовката на Годишниот план за 2026 година не учествувале 74 општини, бидејќи потребната методологија за изработка на општинските енергетски планови не била донесена навреме.

Дополнителен проблем претставува и недонесувањето на дел од клучните подзаконски акти. Не биле утврдени сите потребни критериуми за добивање овластување, а не била формирана ниту соодветната комисија. Според ДЗР, ова придонесува за застој во постапките за нови електроенергетски објекти со капацитет од еден мегават или повеќе.

„Во периодот од 2022 до мај 2025 година, воспоставениот систем за издавање на дозволи за изградба на фотонапонски електроцентрали не овозможи целосна законска усогласеност, навремено планирање, координирано институционално постапување, ниту пак ефикасно спроведување на постапките“, констатира Државниот завод за ревизија.

Слабостите не биле ограничени само на административните процедури. На терен, ревизорите констатирале недоволен инспекциски надзор врз техничката опрема и исполнувањето на условите од издадените градежни дозволи.

Дополнително, општините не вршеле надзор врз примената на одредбите од Законот за енергетика, додека Регистарот на електроцентрали бил оценет како нецелосен и неусогласен со податоците со кои располагаат различни институции.

Како посебен ризик се издвојува и прашањето со отпадот од соларните панели и батериските системи за складирање енергија. Во земјата сè уште нема прецизно уредена категоризација и систем за соодветен третман на овој вид отпад.

Ревизорите предупредуваат дека без воспоставување функционален систем за управување со отпадот од фотоволтаичната опрема и батериските складишта, со текот на времето може да се создадат сериозни ризици за животната средина и здравјето на населението.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни