Македонија

ДЗР со предупредување: Пензискиот систем не успева да ги покрие трошоците

ДЗР со предупредување: Пензискиот систем не успева да ги покрие трошоците

Пензискиот систем и натаму се соочува со сериозен финансиски јаз, покажува ревизорскиот извештај на Државниот завод за ревизија (ДЗР) за работењето на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување во 2024 година.

Иако приходите од придонеси за пензиско осигурување бележат раст, тие не успеале целосно да ги покријат расходите за исплата на пензиите. Според извештајот, во 2024 година биле собрани 71,4 милијарди денари од придонеси, додека трошоците за пензии надминале 90,2 милијарди денари.

Ревизорите дале неповолно мислење за финансиските извештаи и за усогласеноста на работењето на Фондот со законските прописи, при што посочиле повеќе слабости во функционирањето.

Податоците покажуваат дека на крајот од 2024 година имало 556.294 осигуреници и 343.048 пензионери, што значи дека на еден пензионер во просек му одговарале 1,63 осигуреници.

ДЗР утврдил и проблеми со навременото префрлање на средствата кон вториот пензиски столб. Според извештајот, до февруари 2026 година долгот по оваа основа достигнал околу 2,6 милијарди денари.

Дополнително, констатирано е доцнење и во уплатата на придонесите за здравствено осигурување на пензионерите. Неисплатените обврски до крајот на февруари 2026 година достигнале 8,4 милијарди денари, односно околу 136 милиони евра.

Ревизијата укажува и на слабости во управувањето со имотот, јавните набавки, пописите, евиденцијата на побарувањата и делови од системот за пресметка на платите.

Од ДЗР препорачуваат преземање конкретни мерки за надминување на утврдените недостатоци и обезбедување постабилно и поодржливо функционирање на пензискиот систем.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни