„Еден мрачен ден…“ – Се огласи ПАОК по страшната трагедија која го потресе регионот

Најмалку седум фанови на ПАОК го загубија животот во тешка сообраќајна несреќа што се случи во Романија, во близина на Темишвар, околу 80 километри од границата со Србија, пренесуваат романските медиуми. Според информациите, уште три лица се повредени.

По овој повод се огласија „црно-белите“ од Солун:

„Времето застанува. Замрзнува. Зборовите пресушуваат. Болката пробива низ тело и ум. Солзите течат од очите. Тага ве обзема, ве фрла на колена, ве разурнува.

Уште еден мрачен ден. Уште една неизмерлива трагедија за семејството ПАОК.

Среќен пат на нашите деца, чија љубов кон четирите букви ги одведе далеку.

Таа љубов кон ПАОК ги доведе таму, ги остави таму и продолжи понатаму, но нивните души секогаш ќе почиваат под крилјата на Двоглавиот Орел.

Нашите најискрени сочувства до семејствата на овие деца. Во нивната неподнослива болка, нема да бидат сами. Големото семејство ПАОК секогаш ќе биде покрај нив за да ја ублажи оваа болка колку што е можно.

Нашите мисли се и со повредените, кои ја водат својата битка.

Ќе направиме сè што можеме за да им обезбедиме најдобра можна медицинска нега, да им овозможиме брзо враќање дома и секогаш ќе бидеме покрај нив.

Само една желба… Никогаш повеќе…“, пишува на социјалните мрежи ПАОК.

Да потсетиме, фановите на солунскиот клуб биле на пат кон Франција, каде ПАОК во четврток ќе игра натпревар од осмото коло на Лигата на Европа против Олимпик од Лион. Во еден момент, возилото со кое патувале преминало во спротивната сообраќајна лента, по што дошло до директен судир со камион.

Несреќата се случила на магистралниот пат E70, кој минува и низ Србија. Романските медиуми објавиле и снимка на која се гледа како мини-бусот со фанови преминува во спротивниот правец и директно се судира со камион.