Албанскиот премиер Еди Рама го оцени вчера објавениот извештај на Европската комисија за напредокот на Албанија кон членството во ЕУ како „многу позитивен“ и посочи дека тој е „заснован на факти, а не на перцепции“.
Амбасадорот на ЕУ во Албанија, Силвио Гонзато денеска му го претстави на Рама извештајот на ЕК за 2024 година, а премиерот истакна дека добивањето на годишниот извештај за напредокот во октомври стана нешто како ритуал.
„Октомври е посебен затоа што пред неколку недели во Луксембург се одржа втората Меѓувладина конференција на Албанија со ЕУ за почеток на преговорите за првиот кластер. Конференцијата, како што знаете, го потврди признавањето од сите институции и земји во ЕУ на напредокот што го направи Албанија во спроведувањето на условите за оваа фаза од преговорите за членство во ЕУ И се што беше кажано и направено е наведено во новиот извештај на Европската комисија“, рече Рама на заедничката прес-конференција со Гонзато.
Според неговите зборови, „извештајот за напредокот е најкомплетниот, детален и најсигурен меѓународен документ што го добива Албанија и на кој се повикуваме, бидејќи тоа е единствениот меѓународен извештај кој не се заснова на перцепции, не на студии, туку само на факти во светлина на принципите и стандардите на функционирање на европските институции и земјите-членки“.
„Фасциниран сум што денеска добиваме многу позитивен извештај, најпозитивен во сите овие години“, нагласи шефот на Владата. „Извештајот ги утврдува чекорите што треба да се преземат понатаму, како и прашањата на кои треба да се фокусираме за да ги исполниме условите за членство“, додаде тој.
„Секој што навистина сака да разбере и да научи каде се наоѓа Албанија денес во сите сфери, нека го прочита овој извештај, бидејќи никаде на друго место нема да најдете попрецизна анализа и повистинска панорама на моменталната состојба во земјата“, додаде тој министер.
Европската комисија вчера на својата веб-страница го објави годишниот извештај за напредокот на Албанија, во кој се посочуваат достигнувањата на земјата на нејзиниот пат кон пристапување во ЕУ и некои препораки.
„Силната политичка посветеност на албанските власти кон стратешката цел за интеграција во ЕУ постојано се наведува како клучен приоритет за земјата, а генерално се одржува високо ниво на амбиција за напредок во пристапните преговори. Тековните пристапни преговори треба да водат за забрзување на реформите поврзани со ЕУ“, се наведува во документот.
