Македонија

Едно застанување за две гранични проверки: Почна One Stop Shop на Ќафасан

Едно застанување за две гранични проверки: Почна One Stop Shop на Ќафасан

Со едно застанување да се завршуваат граничните проверки на македонската и на албанската страна е целта на системот One Stop Shop, кој денеска официјално беше пуштен во употреба на граничниот премин Ќафасан.

На промоцијата присуствуваа премиерите Христијан Мицкоски и Еди Рама, кои порачаа дека заедничките проверки треба да го олеснат патувањето и да ги приближат граѓаните од двете земји.

Во воведното обраќање на настанот беше наведено дека во 2025 година преку Ќафасан биле регистрирани над 2,3 милиони патнички преминувања. Тоа е повеќе од половина од вкупниот број преминувања на граничните премини со Албанија, поради што примената на системот започнува токму тука.

Мицкоски изрази очекување заедничките проверки да се прошират и на другите гранични премини со западниот сосед.

„Очекувам овој начин на комуникација да продолжи и на другите гранични премини кои што ги имаме со нашиот западен сосед Албанија“, рече премиерот.

Тој оцени дека поедноставувањето на постапките ќе придонесе и за туризмот, посочувајќи го потенцијалот на Охрид, Струга и на другите места од двете страни на границата.

Рама, пак, порача дека соработката треба да продолжи и на останатите премини. Досегашниот начин на проверки го опиша со зборовите „контролирај, контролирај“, а новиот систем како премин кон „верувај и контролирај“.

Ноќно студио

Најнова епизода

Дали системот реагира навреме? Ноќно студио со обвинителката Спасенка Андонова

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни