ЕК ја казни Грција со речиси 400 милиони евра

Грција ќе плати глоба од 392 милиони евра поради лошо управување со заедничките субвенции во периодот 2016 – 2023 година, главно поради недостаток на контрола од страна на грчката Организација за плаќања и контрола на заедничките субвенции (ОПЕКЕПЕ), која беше затворена во крајот на мај по голем скандал со злоупотреби на субвенции за фиктивни пасишта и земјоделски активности, јавува „Катимерини“.

Според изданието, Европската комисија ја образложи својата одлука со кршење на европското законодавство поврзано со финансирањето на Заедничката земјоделска политика.

ЕК воведе хоризонтална корекција од 5 проценти на износот на субвенциите што Грција ќе ги добие во наредните години, затоа што смета дека проблемот е системски и со години нема правилен надзор и функционирање на управувањето со субвенциите во Грција.

Износот на хоризонталната корекција беше зголемен на 10 проценти како казна за субвенциите доделени во 2018, 2019 и 2020 година со цел поддршка на млади земјоделци.

Најголемите казни, со износ од 79 милиони и 76 милиони евра, се однесуваат на субвенциите за земјоделски површини во 2021 и 2022 година.

Весникот пишува дека најверојатно глобата од 392 милиони евра ќе биде платена од државниот буџет, бидејќи во спротивно треба да се намалат субвенциите на земјоделците за 5 проценти, што би било неправедно и ќе има висока политичка цена. Следната година се очекуваше Грција да добие околу 1,9 милијарди евра од ЕУ преку директни субвенции, но оваа сума најверојатно ќе се намали за околу една четвртина, односно за 392.195.733 евра поради плаќања извршени во спротивност со критериумите и законодавството.

Според извори од грчкиот земјоделски сектор, цитирани од весникот, оваа глоба е само почеток, бидејќи се очекуваат санкции и за други штети, пишува БТА.

Во март, Судот на ЕУ ја одби жалбата на Грција против претходна одлука за санкции од Европската комисија и ја задолжи државата да ги плати судските трошоци.

Скандалот почна откако Европската јавна обвинителка почна кривично гонење против 100 лица во Грција. За истрагата на Европската јавна обвинителка извести „Политико“ во февруари. Изданието пишуваше дека грчките граѓани под истрага добиле плаќања за пасишта што ниту ги поседувале, ниту ги изнајмиле, како и за земјоделски активности што не ги извршиле, со декларации со невистинита содржина.

На 19 мај, обвинители од Европската јавна обвинителка, придружувани од 20 службеници од одделот за борба против корупцијата при грчката полиција, се обидоа да извршат акција во седиштето на ОПЕКЕПЕ, но се соочија со недостаток на соработка од страна на вработените во агенцијата.

Како резултат на скандалот, грчката влада го разреши претседателот на агенцијата, а неколку дена подоцна ја затвори, пренесувајќи ги нејзините активности кон Независниот орган за јавни приходи (ААДЕ).