Екс-вработените во „Aд типо“ на протест – над 35 години работен стаж, а добиваат социјална пензија

Работеле 35 години, а сега земаат социјални пензии. Вработените во фабриката во стечај „Типо“ бараат правда веќе 14 години. Со барање да им се исплати нивниот труд, излегоа пред судот за да го искажат револтот. АД-Типо Скопје, на вработените не им ги исплатил придонесите, а пет и пол години не добиле ниту плата. Откако фабриката заминала под стечај и продала дел од сопственоста, нивниот стаж се плаќал, но со минимална ставка. Кога прогласила стечај, фабриката броела околу 600 вработени. Во текот на последните 14 години барајќи ги нивните права, 200 од вработените веќе починале и не дочекале неправдата кон нив да биде исправена. Како менаџер на фабриката, Снежана Тасеска бара од Основниот Суд-Скопје и од судиите да им се исплати стажот согласно платите што ги земале. Вели дека доставиле жалба во Апелациониот суд, меѓутоа не била процесирана.

Поранешните вработени велат дека имале и акции во компанијата, но на крајот останале и без нив.

На демонстрантите за в понеделник им е ветена средба со претседателот на Основниот суд-Скопје 2. Доколку не постигнат договор, велат дека ќе продолжат да протестираат пред сите надлежни институции. Барање за средба со владата, се уште не поднеле.

Извор: ТВ21