Експлозија во полски рудник, загинаа 4 рудари

Четири рудари загинаа, а седуммина се повредени во експлозија во рудник за јаглен во јужна Полска, за која сопственикот на рудникот рече дека најверојатно била експлозија на метан. Сопственикот на JSW изјави дека експлозијата во рудникот за јаглен Пниовек се случила нешто по полноќ на длабочина од 1.000 метри. Тогаш во областа имало вкупно 42 рудари, од кои 21 биле пренесени во болница.

„Многу тажни вести“, напиша вицепремиерот Јацек Сасин на Твитер. „Четири рудари загинаа како последица на експлозијата во рудникот Пњовек. Се трага по уште седум. Се приклучувам на молитвите на семејството на рударите“, напиша тој. Повеќето од повредените се здобиле со изгореници, изјавиле лекарите за новинарите.

JSW рече дека 13 тимови биле вклучени во спасувањето, но дека напорите биле прекинати. „Спасувачката операција е привремено прекината додека не се обнови бариерата од прав, која ја штити базата од експлозија на метан“, се вели во соопштението на компанијата.

Се додава дека на семејствата на загинатите рудари им помагаат психолози. Полскиот премиер Матеуш Моравјецки рече дека неговите „мисли и молитви“ се со семејствата на рударите и дека ќе отпатува во областа.