Физички напад врз двајца здравствени работници во Скопје ја отвори темата за безбедноста на медицинскиот персонал на работното место. Лекар и медицинска сестра од Итната медицинска помош биле нападнати од татко и син во близина на поликлиниката „Јане Сандански“, по расправија околу транспорт на повозрасен пациент.
Според информациите, инцидентот се случил во саботата, 21 ноември, околу 17 часот. На расправијата ѝ претходело барање за итна медицинска интервенција за повозрасен маж, кој имал онколошко заболување и наводно неколку часа претходно испил антифриз, со намера да си го одземе животот.
Според неофицијалните информации, синот побарал лекарот неговиот татко веднаш да биде пренесен во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Првично му кажал дека пациентот е во автомобил, но кога лекарот пристапил до возилото, во него немало никого. Повозрасниот маж стоел покрај својот син.
Лекарот, според истиот извор, проценил дека пациентот во тој момент не покажувал видливи знаци на сериозно влошена здравствена состојба. Тој објаснил дека за транспорт со амбулантно возило треба да добие насоки од надлежниот центар за координација на Итната медицинска помош, бидејќи екипата имала и други интервенции.
На синот му било посочено дека може да го пренесе таткото со сопствено возило или да се обрати до центарот за Итна медицинска помош за организирање соодветен транспорт. Но, несогласувањето околу начинот на транспорт продолжило, по што, според информациите, таткото и синот физички ги нападнале лекарот и медицинската сестра.
Двајцата здравствени работници се здобиле со телесни повреди и биле пренесени во болница, каде им била укажана медицинска помош. Случајот бил пријавен во полиција, а засега нема официјални информации за евентуални приведувања или за правната квалификација на делото.
По нападот реагираше и Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри „За нас“, кое најостро го осуди насилството врз докторот и медицинската сестра.
Од Здружението бараат Министерството за внатрешни работи и надлежните правосудни институции итно и целосно да го расчистат случајот, да ги утврдат сите околности и да преземат соодветни законски мерки кон сторителите.
„Ниту еден здравствен работник не смее да оди на работа со страв дека може да биде навредуван, заплашуван или физички нападнат додека им помага на пациентите“, наведуваат од „За нас“.
Оттаму апелираат и до Министерството за здравство и раководствата на здравствените установи да преземат конкретни и системски мерки за зголемување на безбедноста на медицинскиот персонал.
„Нашиот став е јасен: насилството врз здравствените работници мора да престане! Заштитата на здравствените работници не е привилегија, туку основен услов за достоинствено, безбедно и професионално функционирање на здравствениот систем“, порачуваат од Здружението, изразувајќи солидарност и поддршка до повредените колеги.