Експлозија во продавница за пиротехника во Кина – 12 загинати

Дванаесет лица загинаа денеска во експлозија и пожар што следуваше во продавница за пиротехнички средства во кинеската провинција Хубеи. Според извештај на државната телевизија CCTV, огнот зафатил површина од 50 квадратни метри, пренесува Reuters.

Несреќата се случила во продавница во градот Сијангјанг, а причината за експлозијата сè уште се истражува. Експлозиите поврзани со пиротехника се чести во Кина, каде петардите масовно се користат за време на прославите, особено за Лунарната нова година, чија прослава започна во вторникот.

Ова не е прв ваков инцидент. Во јуни, во експлозија во фабрика за пиротехника во соседната провинција Хунан загинаа девет лица, а 26 беа повредени. Поради безбедносни причини и загадување на воздухот, некои кинески градови го забранија користењето на огномет.

Сепак, овие мерки предизвикаа полемики во јавноста, бидејќи петардите, кои традиционално се користат за прогонување на злите духови, сè уште се сметаат за клучен дел од прославата на Лунарната нова година.