Пинг-понг меѓу домашните институции за носење одлука дали поранешниот член на ОНА, Томор Морина треба да биде екстрадиран или не. Министерството за правда до Кривичен суд го достави барањето за екстрадиција. Но, пред судот да излезе со мислење, претходно ќе побара став од обвинителството. Откако ќе се произнесе обвинителството, Судот ќе даде свое мислење и ќе го испрати до Министерството за правда.
„Судијата на претходна постапка, согласно Законските одредби, барањето ќе го испрати на мислење во надлежното обвинителство, а по добивање на мислењето судот ќе се произнесе и одговорот ќе го достави до Министерството за правда кое е надлежно во понатамошниот дел од постапката за екстрадиција“, велат од Кривичен суд – Скопје.
Ова значи дека независно од мислењето на Судот, сепак конечната одлука за екстрадиција ја носи министерката за правда, Рената Дескоска. Од нејзиниот кабинет не сакаа да се произнесат дали ќе одлучат „за“ екстрадиција, во случај судот да даде такво мислење. Велат дека одлуката ќе ја донесат откако ќе ги разгледаат сите аргументи на судот и дека ќе постапат согласно домашното и меѓународното право.
Од друга страна пак, вицепремиерот Бујар Османи, пред неколку дена изјави дека Морина нема да биде испорачан во Србија. Сепак, неговата изјава, како што велат од Кабинетот на Дескоска, воопшто нема да влијае врз нивната конечна одлука.
„Во постапката за екстрадиција, единствено судот е тој кој дава или не дава препорака за нечија екстрадиција, по што следи конечната одлука од Министерството за правда. Изјави на други министри не коментираме. Министерството за правда работи исклучиво по закон и без ничие влијание, така што не чувствуваме никаков притисок од било чии изјави, без оглед дали се тоа министри од нашата држава, од Србија или од Косово“, велат од Министерството за правда
Скопскиот суд денеска исто така го одобри барањето за претставници на Амбасадата на Косово во Скопје да го посетат Морина го затворот во Скопје, каде е во притвор веќе две недели. Амбасадорот Ѓерѓ Дедај, пред неколку дена за ТВ21 изјави дека доколку Морина биде екстрадиран во Србија може да дојде до нарушување на односите меѓу Косово и Македонија. Инаку, на 24-ти јули, македонската полиција го уапси Морина согласно потерницата од ИНТЕРПОЛ издадена по барање на Србија.
РЕПОРТЕР: БЕСИР АРИФИ