Уште едно бебе почина денеска во Појасот Газа среде екстремен студ, јави палестинската новинска агенција Вафа. Ова е четврто бебе кое умира од хипотермија оваа недела.
Главниот педијатар во болницата на југот на палестинската енклава изјави дека бебето починало откако девојчето било примено на итната медицинска помош и температурата на телото нагло ѝ паднала, што довело до нејзината смрт.
Докторот Ахмед ал-Фара од болницата во Кан Јунис изјави за АФП дека таму починале едно бебе старо три дена и друго кое немало ниту еден месец, а нивната телесна температура исто така значително опаднала.
„Тоа е затоа што живеат во шатори кои не ги штитат од студот“, рекол докторот и додал дека е екстремно студено и дека шаторот не е погоден за живеење и дека децата често се болни.
Ризикот за новороденчињата е особено висок бидејќи многу мајки се неухранети, што влијае на квалитетот на млекото со кое ги хранат бебињата.
„Ако не сме трогнати од ова, тогаш не го разбираме раѓањето во јаслите во Витлеем и светлината на (еврејскиот празник) Ханука“, рече германскиот амбасадор во Израел Штефен Зајберт, алудирајќи на претходната изјава на лекарите во Газа дека три бебиња починале од хипотермија во изминатите 48 часа.
„Ова треба да не поттикне да бараме крај на војната и теророт на Хамас, зимски резерви за жителите на Газа и ослободување на сите заложници“, изјави германскиот амбасадор, пренесоа израелските медиуми.