Нови предупредувања за глобалните температури доаѓаат од британските метеоролози, кои следат развој на исклучително силен Ел Нињо над Тихиот Океан. Според нивните проценки, феноменот би можел да достигне интензитет каков што досега не е забележан во прогнозите.
Британската Метеоролошка служба предупредува дека силниот Ел Нињо, во комбинација со затоплувањето предизвикано од климатските промени, би можел да придонесе 2027 година да стане најтоплата година досега регистрирана на глобално ниво.
Ел Нињо е природен климатски феномен кој се карактеризира со затоплување на површинските води во централниот и источниот дел на тропскиот Тихи Океан. Неговото влијание се чувствува во различни делови од светот преку промени во температурите, врнежите и појавата на екстремни временски услови.
Според најновите прогнози, температурните аномалии би можеле да надминат 3 степени Целзиусови подоцна годинава, кога Ел Нињо се очекува да го достигне својот максимум.
Адам Скејф, раководител за долгорочно прогнозирање во британската Метеоролошка служба, оценува дека сигналот во актуелните прогнози е без преседан и дека досега не забележал Ел Нињо со ваков интензитет.
Дополнителна загриженост предизвикува фактот што природниот феномен се развива во услови на веќе присутно глобално затоплување. Тоа може дополнително да ги зголеми просечните температури и ризикот од екстремни временски настани.
Климатскиот научник Зик Хаусфатер од „Беркли ерс“ смета дека има зголемена веројатност феноменот да достигне рекордни размери, бидејќи до неговиот очекуван врв има уште неколку месеци.
Доколку прогнозите се остварат, комбинацијата од силен Ел Нињо и долгорочниот тренд на глобално затоплување би можела да донесе нов температурен рекорд во 2027 година.