Големиот пожар што попладнево избувна во близина на Струмица продолжува да се гаси, а во интервенцијата е вклучен и еден ер трактор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).
Според информациите од ДЗС, засега огнот не успеал да стигне до куќите и викендичките во месноста Софилар, па нема непосредна опасност за објектите и населението.
Градоначалникот на Струмица, Петар Јанков, информира дека досега нема пријавено поголема материјална штета. Тој посочи дека пожарникарите од ТППЕ Струмица навреме интервенирале и спречиле огнот да се прошири кон куќите во Водоча.
Сепак, силниот ветер повеќепати го менувал правецот на ширење на пожарот, поради што огнената линија се проширила кон Баница и месноста Софилар.
„Заради силниот ветер огнот го менуваше правецот и се прошири кон селото Баница и месноста Софилар. Во гаснењето на пожарот дејствува еден ер трактор, кој ќе има големо влијание во гаснењето на пожарот“, изјави Јанков.
Покрај воздушната поддршка, во акцијата е вклучена и механизација на ЈПКД „Комуналец“, како и механизација од други компании. Тие работат на ископување противпожарни пречки со цел да се спречи понатамошното ширење на огнот.