Ердоган: Потпишувањето на меморандум со Шведска и Финска за НАТО е „дипломатска победа“ за Турција

Турција го смета потпишувањето на меморандумот со Финска и Шведска како признание за чувствителноста на Анкара за прашањата поврзани со тероризмот, изјави денеска турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, цитиран од турските медиуми и светските агенции.

Ердоган зборува во Мадрид, каде што присуствува на самитот на НАТО.

Се вчитува...

Тој го опиша потпишувањето на меморандум со Шведска и Финска за нивното барање за влез во НАТО како дипломатска победа за Турција.

На 28-ми јуни Турција даде зелено светло за процесот на пристапување на двете скандинавски земји во НАТО по средбата меѓу Ердоган и нивните лидери во Мадрид, непосредно пред самитот на НАТО.

Турскиот претседател денеска истакна дека ветувањата на Финска и Шведска мора да се исполнат, додавајќи дека во меморандумот со двете северни земји се вклучени сите проблематични прашања за Турција. Ердоган рече дека доколку не се исполнат ветувањата на двете земји, протоколот за нивно пристапување во НАТО нема да биде испратен на ратификација во турскиот парламент. Тој рече дека Шведска и Финска треба да направат измени во законодавството за тероризам што е можно поскоро.

Ердоган рече дека Шведска ветила дека ќе и предаде на Турција 73 терористи.

Треба да ги засилиме напорите за постигнување траен прекин на огнот во Украина, рече Ердоган, истакнувајќи дека Турција прави напори да организира четиристрана средба за формирање коридор за извоз на жито.

Турскиот претседател повтори дека Турција има балансирана политика кон Русија, со која одржува блиски економски односи.