Низа системски пропусти доведоа до трагедијата во дискотеката „Пулс“, а разочарувачки е фактот што никој од инволвираните не презема одговорност. Поранешниот јавен обвинител Љупчо Коцевски за 4ТВ истакнува дека истрагата за настанот извадила на површина сериозна ерозија на целиот систем.
„Жалосно е што и ден денес, и во оваа постапка, никој не признава вина. Секој ја префрла вината на друг или вината на оние покојните,“ вели Коцевски. Тој нагласува дека за толку многу жртви и такви огромни пропусти, секој од инволвираните тврди дека настанот не бил во негова надлежност и дека не можеле да претпостават што ќе се случи.
Оваа национална трагедија, според него, е само продолжение на црната низа несреќи во државата. Коцевски потсети на трагедиите со бродот во Охрид, автобусите на Дурмо Турс и Беса Транс, како и големите поплави.
„Едноставно е за неверување дека тоа може да се случи во една земја од 2 милиони жители за толку масовни несреќи. Мислам дека во регионов, толку големи несреќи, такви последици нема,“ дециден е поранешниот обвинител, додавајќи дека тоа е огромна загуба за државата.
