Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) ја прогласи Турција за одговорна за прекршувања во вкупно 893 предмети поврзани со таканаречената „Фетхулахистичка терористичка организација“ (ФЕТО), пренесе порталот „Туркиш Минит“. Пресудите беа објавени на 23 јуни.
Судот утврди повреди на член 6 и член 7 од Европската конвенција за човекови права во случаи на осудување на турски државјани за наводно членство или врски со ФЕТО. Член 6 го гарантира правото на правично судење, а член 7 ја воспоставува забраната за казнување без законска основа.
Турските власти го обвинуваат движењето поврзано со исламскиот проповедник Фетхулах Ѓулен, кој почина во октомври 2024 година, за организирање на неуспешниот обид за преврат во Турција на 15 јули 2016 година.
Според податоците на турското Министерство за правда, од 2016 година досега се осудени повеќе од 126 000 лица за наводни врски со движењето, од кои над 11 000 сè уште се во затвор. Судските постапки продолжуваат за над 24 000 лица, а уште околу 58 000 остануваат под активно истражување речиси една деценија по обидот за преврат.