Етничка застапеност и во приватните компании – Груби најави државни субвенции за вработување по етнички клуч

Субвенции за приватните компании кои ќе помогнат во еднаквата етничка застапеност при вработувањата најави синоќа првиот вицепремиер Артан Груби, бидејќи приватниот сектор заостанува во овој аспект.

Се вчитува...

„Зборуваме не само за Албанците туку и за другите заедници. Ако го прочитавте експозето и владината програма се истакнува праведна и соодветна застапеност во приватниот сектор. Ние планираме субвенции, да ги субвенционираме плаќајќи им го данокот за тие вработувања на приватните компании за да ја зголемиме застапеноста на Албанците и другите заедници“, истакна Артан Груби.

Освен субвенциите, како други опции за постигнување на ова, Груби спомна фаворизирање на компаниите во јавните набавки или со изготвување закон, иако, како што рече “не треба да се интервенира на слободниот пазар“. Овие тврдења на првиот вицепремиер го револтираа пратеникот на ДОМ, Мирослав Богдановски, партија која е исто така партнер во владата “Заев 2“.

„Класична дискриминација, со државни пари да се субвенционираат приватни фирми да не се вработуваат Македонци е навистина неприфатливо и недозволиво!!!“

Побаравме став од Богдановски но тој не прифати да зборува пред камера. Став побаравме и од другиот вицепремиер на владата, Љупчо Николовски од редовите на СДСМ, но тој не одговори на пораките. За опозициската ВМРО-ДПМНЕ  најавата на Груби е неприфатлива.

Груби денеска даде дополнителни појаснувања по синоќешната дебата на ТВ21 тврдејќи дека важен е токму етничкиот клуч.

Во владината програма 2020-2024 не се спомнува конкретно субвенционирање на приватни компании со цел еднаква етничка застапеност, но во делот “Еднакво општество за сите“ се вели:

“Владата ќе го повика, охрабри и ќе соработува со бизнис секторот т.е. домашните и странски компании да ги поддржат добрите меѓуетнички односи и вредностите на толеранција, застапеност и меѓусебна доверба и во нивните работни средини, за да се искористи целокупниот човечки потенцијал со кој располага нашата земја“.

.

Извор: ТВ21