ЕУ даде зелено светло за повеќе средства за гасниот терминал во близина на Александрополис во кој и Македонија има удел

Европската комисија одобри дополнително финансирање за изградба на терминалот за течен гас во близина на Александрополис. Изградбата на проектот се очекува да заврши оваа година. Македонскиот удел во двата проекта значи инвестиција од 25% проценти во гасната централа на природен гас од 800 мегавати, проценета инвестиција од над 380 милиони евра, односно 10% во гасниот терминал, учество со вредност од околу 370 милиони евра. Финансиски проект, кој освен од домашни извори, ќе биде поддржан и од страна на Европската унија.

Изградбата на терминалот се смета за стратешка локација, поради што Европската комисија одобри дополнително државно финансирање од 106 милиони евра за довршување на локацијата, информира грчкото Министерство за енергетика.

Изградбата на терминалот за ЛНГ во Александруполис започна во мај 2022 година и се планира да биде оперативен на крајот на оваа година.

За македонските власти, учеството во проектот е од историско значење. Очекувањата се дека покрај зацврстување на соработката на полето на енергетиката со компании од Грција, ќе се обезбеди трајно и стабилно снабдување на природен гас за земјата, но и дополнителна можност за негова дистрибуција и во регионот.

Комерцијалниот интерес за терминалот постојано расте, што ќе ги зголеми испораките на европските земји, коментираат енергетските експерти.

Гасот што ќе се истовари во Александрополис ќе се испорачува со целосна транспарентност на аукциите, велат економистите.