Министерството за безбедност на Босна и Херцеговина побара од Европската Унија сателитско снимање на Херцеговина, поточно на подрачјето на горниот тек на Неретва, поради можна опасност од поплави поради обилни врнежи од дожд.
Сателитското снимање ќе се изврши преку Службата за управување со вонредни состојби „Коперник“ со цел што поскоро да се процени влијанието на врнежите врз погоденото подрачје, како и евентуална првична проценка на предизвиканата штета.
Добиените податоци ќе им овозможат на надлежните институции поефикасно да планираат и спроведуваат мерки за заштита и спасување, соопшти Министерството за безбедност на Босна и Херцеговина.
Тие потсетија дека Министерството претходно успешно соработувало со службата „Коперник“ во добивање сателитски снимки во случаи на природни катастрофи, вклучувајќи поплави и други вонредни состојби.
Оваа активност се спроведува преку Механизмот за цивилна заштита на ЕУ, во кој БиХ е полноправна членка од 2022 година, што овозможува побрза и поефикасна меѓународна поддршка во ситуации на зголемен ризик од природни и други катастрофи.
