ЕУ ќе рударува од Шпанија до Финска – се бара енергетска независност поради Москва, немирите на Блискиот Исток, царините на САД…

Европската Унија забрзано работи на осигурување на енергетска независност од трети страни. „Под дрво и камен“ се бараат начини и суровини, што ќе придонесат Европа сама да си ги задоволи потребите, во период кога енормно расте побарувачката за енергија. Претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лејен, во обраќањето на неодамнешниот Самит за иднината за енергетска сигурност што се одржа во Лондон, истакна дека е неопходна предвидливост во областа на енергетиката.

Таа наведе неколку аргументи што во моментов не се во полза на стариот континент – „Русија го искористи како оружје снабдувањето со енергија; на Блискиот Исток, конфликтот ја поттикна нестабилноста и ги загрози морските трговски патишта; преку Атлантикот, заканата од зголемени царини е дополнителен ризик за клучните синџири на снабдување“.

– Во 2024-тата година, побарувачката за енергија порасна за речиси двојно повеќе од неодамнешниот просек. Ова се должи на зголемената потрошувачка на електрична енергија, како и на растечките потреби за енергија во неколку области како што се мобилноста, климатизацијата и, се разбира, моќната „вештачка интелигенција“, бидејќи сите центри за чување на податоци се пар екселанс трошачи на енергија, истакна во обраќањето Фон дер Лејен.

Според неа, токму од овие причини на европските фирми мора да им се обезбеди пристап до материјалите што им се потребни за постигнвуање на целите од зелената транзиција. Фон дер Лејен ги акцентираше критичните минерални суровини, а листата на овие суровини летото беше надополнета со литиум, никел и бакар, за да би можеле да се градат ветерници, електрични автомобили, батерии и друго.

– Ни требаат критичните суровини. Ова е многу важно, особено во контекст на  трговските ограничувања и забраните за извоз, за кои веќе сведочиме. Овие критични минерали се темелите на зелената транзиција. Процесот е веќе во тек, и би сакала повторно да ја пофалам Меѓународната агенција за енергетика за нејзината водечка улога на оваа клучна тема, потенцира претседателката на Европската Комисија.

За ова да се случи Европската Комисија претходно веќе објави 47 стратешки проекти за рударство, преработка и рециклирање на ретки минерали и суровини на европска територија. Ќе се копа руда од Ирска до Романија и од Шпанија до Финска. Опфатени се вкупно 13 земји-членки на Унијата, за инвестиции со вкупна вредност од 22,5 милијарди евра. Од земјите од соседството вклучена е Грција, која ќе ја снабдува Унијата со алуминиум и галиум.

– Ова е пресвртна точка за европскиот суверенитет како индустриска сила. Европа во моментов е зависна од трети земји за многу од суровините што ги употребува. Мораме да го зголемиме сопственото производство, да го диверсифицираме надворешното снабдување и да направиме резерви, изјави Извршниот потпретседател на Комисијата за индустриска стратегија, Стефан Сезурне.

Претходно, Брисел ги повика и земјите-кандидатки од регионот на Западен Балкан да се приклучат во Планот за зелената транзиција и во изнаоѓањето на критичните минерални суровини. Дел од балканските државници наајавија дека ќе предложат проекти за учество. Од досегашните спроведени геолошки истражувања, во однос на минералите кои ги бара Унијата, јасно е дека Македонија лежи на бакар, иако не може да се пофали со икористеноста на потенцијалите.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.

ПРИКАЖИ ПОВЕЌЕ ВЕСТИ

spot_img

Најважното