Европската Унија ќе обезбеди дополнителна хуманитарна помош за населението во Непал, кое се соочува со тешки последици од катастрофалните поплави во земјата.
Европската комисија соопшти дека одобрила 2 милиони евра за итна помош на заедниците погодени од поплавите, во кои, според досегашните информации, загинале повеќе од 300 лица.
Средствата ќе бидат искористени за покривање на најитните потреби на населението, меѓу кои обезбедување храна, здравствена заштита, чиста вода и санитарни услови.
„Оваа итна помош ќе помогне да се одговори на непосредните потреби на заедниците погодени од катастрофата“, соопшти Европската комисија.
Новата финансиска поддршка е дополнување на речиси 3 милиони евра што ЕУ ги издвои претходно годинава за подобрување на подготвеноста на Непал за природни катастрофи.
Партнерските организации кои се финансираат од ЕУ веќе работат на терен, каде што обезбедуваат засолништа и дистрибуираат хуманитарни пакети за погоденото население.
Во рамки на одговорот на катастрофата, Европската Унија го активирала и сателитскиот сервис „Коперникус“, со цел мапирање на погодените подрачја. Дополнително, испратен е координатор за брз одговор во Азија, кој треба да придонесе за подобра координација на хуманитарната помош.