Лидерите на Европската Унија постигнаа клучен договор за обезбедување на масивен финансиски пакет за Киев. Одобрен е бескаматен заем во висина од 90 милијарди евра, со уникатна клаузула: Украина ќе почне да го враќа кредитот дури откако Русија ќе ѝ исплати репарации за штетите предизвикани од инвазијата.
Овој потег се толкува како директна порака до Москва дека финансискиот товар за обновата на Украина на крајот ќе падне врз агресорот, додека Европа гарантира економска стабилност на Киев за наредните две години.
Кошта: „Русија не си ги постигна целите“
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, истакна дека одлуката испраќа кристално јасна порака во три точки.
„Прво, не сте ги постигнале вашите цели во Украина. Второ, Европа е со Украина денес, утре и сè додека е потребно. Трето, Русија мора да дојде на преговарачка маса“, изјави Кошта.
За претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, примарната цел е „праведен и траен мир“, а обезбедените средства ги покриваат итните финансиски потреби на Украина за следниот период.
Компромис за „замрзнатите средства“ и белгиската блокада
Првичниот план на Брисел предвидуваше заемот да се обезбеди директно од замрзнатите руски средства. Сепак, овој план беше модифициран бидејќи земјите-членки не успеаја да ја уверат Белгија дека ќе биде заштитена од одмазда на Москва, со оглед на тоа што најголемиот дел од парите се чуваат во клириншката банка во Брисел.
Белгискиот премиер Барт де Вевер појасни дека иако парите сега не се чепкаат директно, тие остануваат „заробени“.
„Замрзнатите средства ќе останат така и на крајот ќе бидат искористени за поправка на штетата што Русија ја предизвика. Мислам дека никој во европското семејство не сака да ги види тие пари вратени во Москва“, рече Де Вевер.
За да се избегне блокада на одлуката, скептиците за новото задолжување на ЕУ – Словачка, Унгарија и Чешка – беа ослободени од каква било одговорност поврзана со враќањето на овој заем.
Трамп притиска за брз договор: „Секој месец гинат илјадници“
Додека Европа ги консолидира финансиите, САД забрзано работат на дипломатски план. Американскиот претседател Доналд Трамп ја повика Украина да дејствува брзо кон мировен договор, предупредувајќи на големите човечки загуби.
„Се приближуваат до нешто, но се надевам дека Украина ќе дејствува брзо. Знаете, секој пат кога им треба премногу време, Русија се предомислува. 27.000 војници беа убиени изминатиот месец“, изјави Трамп.
Во насока на „ревидираниот мировен план“, викендов во Мајами се очекува средба меѓу претставници на Трамп и советникот на Путин. Ова доаѓа откако соработниците на Трамп, Виткоф и Кушнер, неделава веќе разговараа со Зеленски и европските претставници во Берлин.
