Европската комисија предложи нов пакет правила со кои значително треба да се олеснат прекуграничните патувања низ Европа, особено патувањата со воз што вклучуваат повеќе превозници.
Со трите нови предлози, Брисел сака да го поедностави планирањето, споредувањето и резервирањето на регионални, меѓуградски и меѓународни патувања, а истовремено да обезбеди подобра заштита на патниците.
„Европејците со еден клик ќе можат да планираат, споредуваат и купуваат билети за повеќе видови превоз“, изјави еврокомесарот за одржлив транспорт и туризам, Апостолос Цицикостас.
Според Европската комисија, патниците во ЕУ и натаму се соочуваат со бројни потешкотии при организирање прекугранични патувања, особено кога треба да комбинираат железнички линии од различни компании. Проблем претставуваат фрагментираните системи за резервација и доминантната позиција на одредени железнички оператори.
„Пронаоѓањето на најдобрата рута може да биде тешко, споредувањето на цените е фрустрирачко, а резервирањето прекугранични патувања премногу комплицирано. Европа има добра железничка инфраструктура, но сè уште нема беспрекорно искуство за патниците“, оцени Цицикостас.
Една од клучните новини е воведувањето на систем „едно патување, еден билет“, со кој патниците ќе можат преку една трансакција да купат билет што опфаќа повеќе железнички превозници.
Предлогот предвидува и подобра заштита на патниците во случај на проблеми за време на патувањето, како што се пропуштени врски или доцнења. Во такви ситуации, превозниците ќе треба да понудат алтернативно решение, надомест или поврат на средствата.
За да се реализира новиот систем, земјите членки на ЕУ ќе треба да ја забрзаат примената на правилата за споделување податоци за мултимодален транспорт, со цел да се овозможи поедноставен и интегриран систем за резервации и продажба на билети.
Конечниот изглед на предложените регулативи ќе треба да го усогласат Советот на ЕУ и Европскиот парламент.