Свет

ЕУ предлага укинување на правилото за пратки до 150 евра – ќе се воведе царина за сите нарачки од Тему, Шеин и АлиЕкспрес

ЕУ предлага укинување на правилото за пратки до 150 евра – ќе се воведе царина за сите нарачки од Тему, Шеин и АлиЕкспрес

Советот за економски и финансиски прашања на Европската Унија иницира измени на регулативата за царини, со кои би се укинало сегашното правило за ослободување од царински давачки при увоз на стоки од трети земји со вредност до 150 евра.

Министрите за финансии на земјите членки оценија дека оваа промена треба да се усвои „што е можно побрзо“, со цел новите правила да стапат во сила уште во текот на 2026 година.

Доколку измените бидат одобрени, секоја нарачка од популарните кинески платформи како Тему, Шеин или АлиЕкспрес ќе подлежи на царинска давачка – без разлика на вредноста на пакетот.

Во моментов, граѓаните на ЕУ не плаќаат царини за пратки до 150 евра нарачани преку овие онлајн продавници.

Укинувањето на правилото за пратки со ниска вредност беше предвидено да се случи дури по пуштањето во употреба на новиот Царински центар на ЕУ – централизирана дигитална платформа за комуникација меѓу царинските управи.

Овој систем треба да стане оперативен во 2028 година како дел од широката реформа на европската царинска рамка.

Сепак, поради забрзаниот раст на увозот преку кинеските платформи, Советот предлага мерката да се донесе порано.

Во образложението, Советот истакнува дека укинувањето на привилегијата за пратки до 150 евра треба да создаде еднакви услови меѓу странските и европските трговци на мало.

Според Европската комисија, во 2024 година дури 65% од 4,6 милијарди пратки кои пристигнале во Унијата биле ослободени од царини.

Од нив, 91% биле пратки од Кина, најчесто нарачани преку платформите за е-трговија.

Европските продавници предупредуваат дека оваа пракса создава нелојална конкуренција и доведува до значителни пазарни нарушувања. Дополнително, се отвораат и прашања поврзани со заштитата на животната средина поради огромниот број мали пратки што пристигнуваат секојдневно.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни