4NEWS.mk

ЕУ создава Центар за критични минерали – Иловица меѓу македонските наоѓалишта со најголем потенцијал

ЕУ создава Центар за критични минерали – Иловица меѓу македонските наоѓалишта со најголем потенцијал

Европските геолози ја поздравија иницијативата на Европската Унија за создавање единствен Центар за критични минерали, преку кој би се воспоставил усогласен систем за следење на наоѓалиштата, ресурсите, резервите и истражувачките активности низ Европа.

Од Асоцијацијата на европски геолошки заводи (EuroGeoSurveys) посочуваат дека ваквиот систем треба да ги опфати и соседните држави и земјите-кандидатки за членство во ЕУ. Целта е да се создаде подобра и усогласена база на податоци за критичните минерални ресурси и нивниот потенцијал.

Македонија располага со ограничен број целосно докажани наоѓалишта на критични минерали, а меѓу позначајните е бакарот во Иловица. Првичните геолошки истражувања на локалитетот биле спроведени уште во 1973 година од Геолошкиот завод.

Подеталните истражувања започнале во 2011 година со активности на „Еуромакс Ресоурцес“, а резултатите покажале потенцијал за производство од над 10.000 тони бакар годишно во период од 23 години.

Како што се наведува во геолошките податоци од резимето на проектот, тој се наоѓа на „јужниот крај од кенозојскиот магматски лак во правец северозапад-југоисток кој покрива делови од централна Романија, Србија, Македонија, јужна Бугарија, северна Грција и западна Турција“. Во оценката се додава дека наоѓалиштето „Иловица“ е едно од неколкуте порфирски системи во источна Македонија и северна Грција и „се наоѓа во рамките на минерализиран дел од порфирски систем, околу 1,5 километри во дијаметар“.

Инаку, со Акцискиот план од новата Стратегија за минерални суровини 2026-2046 која ја изработи МАНУ, предвидени се активности и за домашниот Геолошки завод. Во текстот на Акцискиот план се наведува дека „ГЗМ треба да обезбедува јавно знаење за науката за Земјата, за поддршка на конкурентноста, социјалната благосостојба, управувањето со животната средина и меѓународните обврски, во соработка со геолошките заводи во ЕУ заеднички да ги обработува прашања во областа на геолошките науки, соработувајќи на проекти кои директно ја информираат европската, националната и локалната политика“. 

Додека кај нас се утврдат потенцијалите, европските геолози повикаа Центарот за критични минерали на ЕУ да ги поседува сите неопходни информации со цел да се направат вистински проценки за ризикот од снабдување и долгорочната отпорност на Европа.

„EuroGeoSurveys го поздравува признанието дека стратешките залихи, инвестициите, набавките и безбедноста на синџирот на снабдувањето бараат посеопфатни и навремени информации, отколку што се моментално достапни на ниво на ЕУ. Во сè поконкурентното геополитичко окружување, каде што големите економии активно обезбедуваат пристап до критични суровини низ целиот свет, зајакнувањето на капацитетите на Европа за стратешкото информирање за минералите станува сè поважно“, истакнаа од Асоцијацијата.

Според Асоцијацијата, тие ќе можат да помогнат за анализа на идниот европски потенцијал за снабдување и новите можности.

„Стратешкото донесување на одлуки, исто така, бара силно разбирање на системот за суровини, вклучувајќи го геолошкиот потенцијал на Европа, базата на ресурси, истражувачките активности и идните можности за снабдување. Затоа, ефикасното системско информирање зависи од интегрирањето на податоци за индустрискиот вредносен синџир со геолошките податоци, трендовите на истражување и стручното познаење за идниот ресурсен потенцијал на Европа“, се додава во соопштението. Претходно, еврокомесарот за индустрија Стефан Сежурне ја повика Унијата да ги удвои своите напори во целта за намалување на својата стратешка зависност од Кина, презентирајќи низа предлог мерки за прекин на контролата на Пекинг врз снабдувањето со критичните минерали, како што се ретки земни елементи, кобалтот, бакарот, никелот и други. Како што додаде, Центарот ќе функционира како „точка“ за снабдување на ЕУ со метали и „ќе ни овозможи да ги процениме потребите, да купуваме заедно, да складираме критични минерали во Европа“.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни