Евакуација во Народното собрание на Република Српска по дојава за бомба

Почетокот на вонредната седница на Парламентот на Република Српска денеска е одложен за 11:30 часот по дојава за поставена експлозивна направа во зградата на Народното собрание, пренесува агенцијата Бета.

Известувањето беше издадено нешто по 10 часот, по што веднаш беше извршена итна евакуација на пратениците, вработените и новинарите, а полицијата ги замоли сите присутни да ја напуштат зградата.

На дневен ред на вонредната седница е разгледување на одлуката за распишување референдум во врска со пресудата на Судот на Босна и Херцеговина и одлуката на Централната изборна комисија да му се одземе претседателскиот мандат на Милорад Додик. Додик беше осуден на една година затвор и шестгодишна забрана за политичка активност поради непочитување на одлуките на високиот претставник во Босна и Херцеговина.

Пратениците треба итно да гласаат за предложените измени на Законот за референдум и граѓанска иницијатива, според кои Парламентот на РС ќе назначи комисија задолжена за спроведување на референдумот.

Исто така, на седницата ќе се разгледува и оставката на премиерот на Република Српска, Радован Вишковиќ, пренесува Бета.