Европа со најстуден јануари од 2010 година 

И покрај глобалниот тренд на пораст на температурите, Европа годинава го почувствува најсилниот зимски удар во последните шеснаесет години. Според најновите податоци на Европскиот центар за среднорочни временски прогнози (ECMWF), јануари 2026 бил најстудениот на континентот од 2010 година наваму, со просечна температура од 2,34 степени Целзиусови.

Ниските температури се поврзуваат со засиленото влијание на поларната струја, која овозможи продор на студен воздух од север кон поголем дел од Европа. Во исто време, и покрај студот на континентот, на глобално ниво јануари 2026 се рангира како петти најтопол јануари откако се вршат систематски мерења, јавува агенцијата AFP.

Научниците посочуваат дека овој контраст – екстремен студ во одделни региони и високи просечни температури глобално – е показател за сè поизразените климатски екстреми. Дополнително, температурите на морската површина остануваат невообичаено високи, што дополнително влијае врз глобалните климатски обрасци.

Од Коперниковата служба за климатски промени нагласуваат дека појавата на студени бранови во одредени делови од светот не значи дека глобалното затоплување е запрено. Напротив, ваквите силни осцилации се дел од поширокиот процес на нарушување на климатската рамнотежа.

Во втората половина на јануари, студени бранови ја зафатија северната хемисфера, при што леден воздух се прошири низ голем дел од Европа и Северна Америка, предизвикувајќи пад на температурите и зимски временски услови во повеќе земји.