Претседателите на четирите најголеми групи во Европскиот парламент – Европската народна партија, Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите, Обнови ја Европа и Зелените/Европската слободна алијанса – испратија писмо до министрите за правда и внатрешни работи во кое бараат утре да дадат зелено светло за Бугарија, Романија и Хрватска за нивно полноправно членство во Шенген до крајот на годината, што ќе гарантира елиминација на проверките на внатрешните граници на почетокот на 2023 година, објави БНР.
„Неприфаќањето на трите земји ризикува да им наштети не само на нив, туку и на целата ЕУ. Ако продолжиме да ги чуваме во чекалната, ризикуваме да се зголеми незадоволството и фрустрацијата кај нивните граѓани“, се вели во писмото потпишано од Манфред Вебер, Ирач Гарсија, Стефан Сежурн, Тери Рајнке и Филип Ламберт.