Европскиот парламент го одобри влезот на Бугарија во Еврозоната од 2026 година

Со 531 глас „за“, 69 „против“ и 79 „воздржани“, Европскиот парламент денеска во Стразбур го одобри извештајот за приклучување на Бугарија кон Еврозоната од 1 јануари 2026 година. Извештајот е изготвен од бугарската европратеничка Ева Мајдел.

Пред гласањето, европратеничката Рада Лајкова, членка на екстремно десничарската група „Европа на суверени нации“, побара повлекување на извештајот поради наводен судир на интереси. Нејзиниот предлог беше отфрлен со 539 гласа „против“.

Одлуката на Европарламентот следува по поддршката од европските лидери на Самитот на ЕУ на 26 јуни и претходната препорака од Европската комисија. Според проценките, Бугарија ги исполнува сите неопходни критериуми за влез во Еврозоната, вклучително и стабилна економија и усогласено законодавство.

Сега Советот на ЕУ треба официјално да го потврди приемот на Бугарија во Еврозоната. Доколку тоа се случи, Бугарија ќе стане 21-та земја членка на монетарната унија.

Бугарија веќе од 2020 година е дел од Европскиот механизам за девизен курс (ERM II), последниот чекор пред воведување на еврото. Иако првично планираше да го воведе еврото во 2024 година, поради висока инфлација и политичка нестабилност процесот беше одложен.

Од сите земји членки на ЕУ, покрај Бугарија и Данска (која има трајно изземање), еврото сè уште не го користат Полска, Романија, Унгарија, Чешка и Шведска.