Македонија

Фетаи контра Верушевски за „Бомбите“: „Во судница никој не вели дека се сечени, лепени и монтирани“

Исказот на поранешниот шеф на тајните служби, Зоран Верушевски, на рочиштето за „Таргет-Тврдина“ дека „бомбите“ се модифицирани и компромитирани, нема да влијае воопшто врз нивната автентичност,  ниту врз судските постапки на Обвинителството. Ова го изјави поранешната специјална обвинителка Фатиме Фетаи, а сега обвинителка во редовното обвинителство, пред денешното рочиште за случајот „Насилство во Општина Центар“. Со овластување на републичкиот обвинител Фетаи продолжува да ги застапува предметите.

Според неа, исказот на Верушевски за „бомбите“ не е завршен. На 10 октомври продолжува распитот од страна на судот, кога нештата би требало да станат појасни, вели Фетаи.

Заменик министерот за правда, Оливер Ристовски не сакаше да ја коментира изјавата на Верушевски и автентичноста на бомбите.

Поранешниот разузнавач Зоран Верушевски во сведочењето за „Таргет-Тврдина“ во понеделникот рече дека документацијата, мислејќи на „бомбите“,  доживеала страотни модификации по неговото лишување од слобода во 2015 година. Воедно негираше негова вклученост во аферата со прислушувањето. Верушевски рече дека бомбите не му биле предадени нему како што сведочеа двајцата други вработени во УБК, туку дека биле предадени на СДСМ и дека тој учествувал само во нивната обработка. Тој треба да го продожи својот исказ пред судот на следното рочиште закажано за 10 октомври кога ќе биде вкрстено испрашуван од страна на одбраната. Според обвинението на СЈО, УБК од 2008 до 2015 прислушувало над 20 илјади граѓани, без судски налог.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни