Филипче до Мицкоски: Не можете да ги убедите граѓаните дека фрижидерите не им се празни!

Остра размена на ставови се случи на денешната собраниска седница за пратенички прашања, каде претседателот на СДСМ и пратеник, д-р Венко Филипче, упати критики до премиерот Христијан Мицкоски, обвинувајќи ја Владата за негрижа кон граѓаните.

Филипче во својата реплика порача дека не може да се убедат граѓаните дека живеат подобро, нагласувајќи дека реалноста со која се соочуваат е поинаква.

Тој истакна дека СДСМ, како што рече, во време на најголеми кризи водела грижа за граѓаните, за разлика од сегашната власт, која според него е фокусирана на други приоритети.

Во продолжение, Филипче ја изнесе својата реплика во целост:

„Сакате да ги убедите граѓаните дека фрижидерот не им е празен. Не може ги убедите. Тие ќе го кажат гласот на следните избори -се слагам. Ако кажувате дека ги потсеќаме на нешто што било лошо, па не се жалете, тоа е добро за вас. Еве одлично е. Јас ги потсетувам како било во наше време, како е сега во ваше време. Еве во делот на одговорот во којшто вие не сте премиер, сте обично уредник на таблоид, на жолт печат. Тендери, тоа вас ве интересира сега, само вашите тендери на блиските луѓе до вас, бизнисот со струја. Се е тоа сега во овој момент, и никаква грижа за граѓаните, ниту за иднината на државата. Подгревање на меѓунационални, меѓуетнички тензии, блокирање на европскиот пат. Така држава не се води. Тоа луѓето што седат овде околу вас го знаат, тоа и го коментираат кога не сте тука. Да знаете, има неистомисленици со вас. Така што граѓаните гледаат, знаат како живееле во тоа време, знаат како живееле во ова време. На некој следен изборен циклус ќе го кажат својот глас. Ваква влада ние не заслужуваме“.