Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, призна дека новиот дигитален систем за влез/излез на Европската унија (ЕЕС) се соочува со технички проблеми и најави дека Комисијата заедно со земјите‑членки работи на нивно надминување. „Работиме со земјите‑членки за да се решат техничките проблеми“, изјави таа на прес‑конференција во Корк.
Аеродромите и авиокомпаниите предупредуваат дека системот, кој бара патниците од земји што не се членки на ЕУ да регистрираат биометриски податоци, предизвикува повеќечасовни редици, оперативни пречки и пропуштени поврзувачки летови. „Сè уште има многу работа за овие технички прашања да се решат заедно со земјите‑членки“, додаде фон дер Лајен.
Ова претставува промена во тонот на Европската комисија, која претходно го минимизираше влијанието на ЕЕС. Портпаролот за внатрешни работи, Маркус Ламерт, изјави дека „на повеќето аеродроми во ЕУ влијанието е навистина ограничено“ и дека просечното време за првична регистрација изнесува околу 70 секунди.
Воздухопловната индустрија, меѓутоа, наведува дека чекањето на граничната контрола во периоди на најголем сообраќај достигнува и до пет часа. Во отворено писмо, АЦИ Европа, ИАТА и „Ерлајнс фор Јуроп“ порачаа дека временските задржувања значително се зголемиле и побараа од Европската комисија да им овозможи на државите, доколку е потребно, целосно да го суспендираат ЕЕС, барем во текот на јули и август.
Системот, кој е задолжителен од 10 април, предвидува патниците од трети земји, вклучително и од Велика Британија и САД, при првиот краткорочен влез во ЕУ да регистрираат отпечатоци од прсти и фотографија од лицето.
Иако се планирани киосци и мобилни апликации за побрза регистрација, на многу гранични премини, како на аеродромот Фјумичино во Рим, податоците сè уште се внесуваат рачно, а само Шведска и Португалија ги активираа потребните апликации. Според „Политико“, индустријата стравува дека притисокот дополнително ќе се зголеми со интензивирањето на летниот сообраќај.