Русија претставува „најдиректна закана“ за меѓународниот светски поредок поради нападот на Москва врз Украина, изјави денеска во Токио претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.
„Русија денес е најдиректната закана за светскиот поредок со нејзината варварска војна против Украина и загрижувачкиот пакт со Кина“, рече Фон дер Лајен по состанокот со јапонскиот премиер Фуми Кишид, на кој присуствуваше и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.
Двајца европски претставници денеска се во Токио на годишните разговори Јапонија-ЕУ, кои овојпат се одржуваат во екот на руско-украинскиот конфликт и зголемената загриженост во Азија поради воените амбиции на Кина, пренесува Бета-Франс прес.
„Руската инвазија на Украина не се однесува само на Европа, таа го поткопува срцето на меѓународниот поредок, вклучително и Азија. Тоа не треба да се толерира“, изјави јапонскиот премиер Кишида, чија влада се приклучи на санкциите на Западот против Москва, особено финансиските и енергетските.
На дневен ред беше и зголеменото воено присуство на Пекинг во Азија. Европската унија се обидува да одигра посилна улога во однос на Пекинг.
„Нашата соработка во Украина е неопходна во Европа, но важна е и во индо-пацифичкиот регион, а сакаме и да ги продлабочиме консултациите за Кина, која станува се посилна. „Сметаме дека Кина треба да се потврди во одбраната на мултилатералниот систем бидејќи има корист од развојот на својата земја“, рече Мишел.
Фон дер Лајен рече дека ЕУ и Јапонија ја зајакнуваат соработката, особено со започнување на дигитално партнерство во областа на трговијата.