Фон дер Лајен: Црна Гора многу напредна на својот европски пат

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска во Подгорица изрази уверување дека Црна Гора значително напредува на својот европски пат и успешно затвора поглавја во преговорите.

Таа се сретна со премиерот Милојко Спајиќ и претседателот Јаков Милатовиќ.

Се вчитува...

„Црна Гора напредува во своите европски интеграции. Сега затвораме поглавје по поглавје“, напиша Фон дер Лајен на својот профил на Икс.

Таа истакна дека се очекува земјата да добие над 380 милиони евра од Планот за раст за Западен Балкан, со 27 милиони евра достапни до крајот на годината.

„Имате причина да бидете горди на постигнатото; до крајот на годината можете да затворите четири поглавја. Подготвени сме да понудиме секаква помош“, рече Фон дер Лајен на прес-конференцијата по средбата со Спајиќ, како што пренесува црногорската национална ТВ РТЦГ.

Фон дер Лајен започна својата турнеја низ Западен Балкан на 23 октомври, посетувајќи Албанија, Босна и Херцеговина, Србија, Република Северна Македонија и Косово. Црна Гора е нејзината последна дестинација.