Паркот на револуцијата во Кочани денеска беше место на длабок пиетет и „гласна тишина“.
Точно една година по трагедијата во дискотеката „Пулс“, со панихида и комеморативни настани беше одбележан денот што засекогаш го промени градот.

Митрополитот на Брегалничката епархија, господин Иларион, во сослужение со свештеници од храмот „Св. великомаченик Ѓеорги“, одржа молитва за упокојување на душите на настраданите.
Пред 63-те бели столици, на кои беше поставена по една бела роза како немо сведоштво за прекинатите младости, семејствата на жртвите и илјадници граѓани се обединија во болката и молитвата.

На одбележувањето на овој тажен јубилеј присуствуваа претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, премиерот Христијан Мицкоски, како и бројни претставници од политичката, академската и општествената заедница.
Поставена беше и книга за жалост, каде присутните ги запишуваа своите пораки на сочувство и завет дека жртвите никогаш нема да бидат заборавени.

По заедничката молитва, комеморативните активности продолжија во Центарот за култура „Бели мугри“ со настанот „Ден на сеќавање – 16 март“.
