Казнено-поправната установа Затвор Скопје ги зајакнува безбедносните капацитети со воведување нова поддршка за чуварската служба.
По подолг временски период, установата доби четири службени кучиња од расата белгиски овчар, кои ќе бидат ангажирани за потребите на службите за обезбедување.
Службените кучиња се доделени од Единицата за службени кучиња при Министерството за внатрешни работи – Бирото за јавна безбедност, со што се очекува подобрување на контролата и ефикасноста во извршувањето на секојдневните задачи.
Од КПУ Затвор Скопје посочуваат дека оваа поддршка претставува значаен чекор кон унапредување на безбедносните стандарди, подобрување на условите за работа на вработените и поголема сигурност во установата.
Од установата изразија благодарност до Министерството за внатрешни работи и Единицата за службени кучиња за соработката и поддршката во насока на модернизирање и зајакнување на системот за безбедност.