Мажот осомничен за бруталниот напад врз 67-годишна жена во Нов Белград, кој вчера ја избоде со нож и потоа ѝ ја одзеде чантата, е уапсен попладнево, откако белградската полиција интензивно трагаше по него од моментот на нападот.
Според медиумски информации, осомничениот бил забележан на трафика во Белград, каде што наводно купувал сок со пари украдени од нападнатата жена. Притоа, бил со променет физички изглед – за разлика од видеото снимено вчера, на кое имал брада и капа, денес бил избричен и без капа, иако сè уште носел идентична облека.
Жената беше нападната вчера насред бел ден, на влезот од зградата во Нов Белград, додека се движела со дете, нејзин внук, на возраст до седум години. Кога почнала да се качува по скалите, напаѓачот одеднаш ја нападнал и ѝ задал повеќе убодни рани, по што насилно ѝ ја искинал чантата од рамото и избегал од местото.
Нападот е снимен од безбедносна камера во ходникот на зградата, а снимката е оценета како исклучително вознемирувачка. Камерите од околните објекти во Блок 37 го регистрирале и движењето на осомничениот пред и по нападот, што ѝ помогнало на полицијата во неговото лоцирање и апсење.
Повредената жена веднаш била пренесена во Ургентниот центар, каде лекарите констатирале дури девет убодни рани – три во пределот на десната клучна коска, една во левата клучна коска, четири во левото рамо и една во главата, како и пневмоторакс. По укажаната медицинска помош, таа била сместена на интензивна нега.
И покрај сериозноста на повредите, лекарите информираат дека нејзиниот живот не е загрозен и дека од утрово е во стабилна состојба, но и понатаму останува под медицински надзор и дополнителни анализи.
