Свет

(ФОТО) Најмалку 90 лица се повредени во судир на воз и локомотива во Аргентина

Најмалку 90 лица се повредени кога патнички воз се судрил со локомотива и празен вагон во главниот град на Аргентина, Буенос Аирес, соопштија денес локалните власти. Возот вчера се движел од Буенос Аирес кон северните предградија кога излетал од шините околу 10:30 часот на мост во населбата Палермо, соопштија безбедносните претставници, пренесе АП. Во судирот оштетен е првиот вагон на патничкиот воз. На лице место им била укажана помош на десетици повредени, а 30 лица се префрлени во болници во средна и тешка состојба, додека најмалку двајца со хеликоптер се префрлени со траума на градниот кош и скршеници на коските. Иако сè уште не е познато зошто празниот вагон бил на мостот, аргентинскиот железнички синдикат соопшти дека од железницата е украден неколку метри бакарен кабел што се користи за пренос на електрична енергија по пругата, што го оневозможува сигналниот систем наменет да спречи такви несреќи. Обвинителите соопштија дека започнале истрага. Претставници на управата на аргентинската железница Тренес Аргентинос изјавија дека сообраќајот на популарната железничка линија е прекинат. Лидерите на синдикатот кои жестоко се спротивставија на економското штедење на либералниот претседател Хавиер Мајли ја обвинија владата за неуспехот да инвестира во јавната инфраструктура. Судирот доведе до зголемена контрола на безбедноста на железницата во Аргентина, каде што повеќе од 50 луѓе загинаа, а стотици беа повредени во серија железнички несреќи помеѓу 2012 и 2014 година.
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни