Македонија

ФОТО Непозната материја од Лепенец се влева во Вардар, инспектори итно на терен

ФОТО Непозната материја од Лепенец се влева во Вардар, инспектори итно на терен

Градот Скопје реагираше по пријава за појава на непозната материја која од реката Лепенец се влева во Вардар, информира градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Тој соопшти дека градските инспекциски служби веднаш излегле на терен, а биле контактирани и инспекторите од Министерството за животна средина, кои исто така започнале проверки.

„Пред околу час и половина до нас како Град Скопје пристигна пријава за непозната материја која од реката Лепенец се влеваше во Вардар. Нашите инспекциски служби веднаш излегоа на терен, а дополнително ги контактиравме и инспекциските служби на Министерството за животна средина“, информира Ѓорѓиевски.

За утврдување на причинителот, инспекциските служби на Град Скопје користеле и дрон за детекција, додека екипи од ЈП „Водовод и канализација“ земале примероци од водата за лабораториско испитување.

Градоначалникот посочи дека Град Скопје е во комуникација со Министерството за животна средина и надлежниот министер, со цел што побрзо да се утврди потеклото на загадувањето и да се преземат соодветни мерки.

„Толеранција нема да има за никого“, порача Ѓорѓиевски, додавајќи дека јавноста ќе биде информирана веднаш штом бидат добиени дополнителни информации од надлежните институции.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни