Во Битола сеуште врне снег со зголемен интензитет. Во изминатите 24 часа новиот снежен бран од 30-тина, а наместа и 40 сантиметри, кој се надополни на веќе постоечкиот снег, донесе нови отежнувања во сообраќајот и одвивањето на секојдневните активности во Битола. Утринава, повторно започна координираната акција на Општина Битола со јавните претпријатија во градот, кои со своите екипи, иако постојано се на терен, ги мобилизираат сите свои капацитети за нормализирање на коловозите и тротоарите во градот и околните населени места.
Од вчера, КЈП „Нискоградба“ на терен исфрли околу 30 тони сол и околу 50 тони ризла низ сообраќајниците, а ставена е во функција целокупната механизација за чистење на коловозите. До утринава, оспособени се улиците од прв и втор приоритет, а се чистат патните правци кон населените места надвор од градското подрачје на Општина Битола. Се очекува 90% од населените места надвор од градот до претпладневните часови да имаат проодни патишта кон градот, по што ќе се пристапи кон чистење на пристапните улици од градските населби, кои не се опфатени со планот од прв и втор приоритет.
ЈП „Комуналец“ со своите екипи врши чистење на тротоарите, мостовите и пешачките патеки за оспособување на движењето на граѓаните. По главните коловози, на кои има тротоари, чистењето се одвива со механизација, а наместа работниците чистењето го вршат рачно со лопати, по што тротоарите се попрскуваат со ризла. Паралелно, вработените го чистеа градското шеталиште и парковите во градот, кои веќе имаат проодни пристапи. Главен проблем со кој се соочуваат екипите на „Комуналец“ е отстранувањето на ѓубрето, кое е отежнато во помалите улици поради затрупаноста со снег, но исто така и поради пристапите до контејнерите со ѓубре, кои се затворени од паркираните автомобили. Од ова јавно претпријатие апелираат граѓаните да не ги блокираат контејнерите за отпад, а истовремено, поради отежнатата проодност во помалите улици, ги замолуваат граѓаните на трпеливост во однос на собирањето на сметот.





