ФОТО: Во бајадера од „Краш“ во Хрватска пронајдени бели црви!

Во бајадерите купени во Интерспар во Копривница, Хрватска во три наврати биле пронајдени црви, поради што фабриката „Краш“ која ги произведува, ја негирала вината, наведувајќи дека нивните производи се чувствителни на услови за складирање.

Купувачите пронашле црви кај бајадерите во јануари годинава, потоа во јуни, а последниот случај бил пријавен минатата недела, на Фејсбук на здружението на потрошувачи „Ало, инспекторе“, пренесува Index.hr.

Се вчитува...

„Во фабрички спакувана амбалажа на популарна бонбона, со соодветен рок на употреба – до 02.01.2025 година имало масни, бели црви!“, објави на Фејсбук здружението на потрошувачи „Ало, инспекторе“, додавајќи дека црвите кои се појавија кога на почетокот на зимата беа кафеави и долгнавести, додека сега се дебели и бели.

Од „Краш“ веднаш реагираа, потенцирајќи дека голем дел од нивните производи се чувствителни на условите за складирање.

„Во бајадерата постои можност од „наезда“ контаминација поради несоодветно складирање. За развој на ларвата на молецот потребни се 21 ден. Молецот може да навлезе низ амбалажата доколку условите за складирање се несоодветни или доколку производот се чува блиску до брашнести материјали“, истакна Краш.

„За жал, не можеме целосно да ги контролираме пазарните услови“, додаваат во соопштението.

Од здружението „Ало, инспекторе“ наведуваат дека стручњаците им рекле дека причина за појавата на црви во бајадерите може да бидат лешниците кои не биле доволно термички обработени за да ги уништат јајцата и дека се уште чекаат одговор од синџирот за малопродажба на Спар.