Француските власти денеска наредија евакуација на туристички места долж атлантскиот брег, од каде што околу 4.000 луѓе морале да ги напуштат загрозените подрачја, додека враќањето на високите температури дополнително ја отежнува борбата на пожарникарите против повторното ширење на големиот пожар западно од Бордо.
Во Франција и Шпанија досега се евакуирани околу 330.000 луѓе. Во меѓувреме, Шпанија се соочува со четвртиот топлотен бран ова лето, додека неколку големи пожари и понатаму се надвор од контрола, меѓу кои и најголемиот досега регистриран во земјата.
Во Франција, пожарникарите во текот на мирната ноќ успеале да ја стабилизираат состојбата, спречувајќи нови жаришта во близина на крајбрежните дини. Површината зафатена од огнот останува непроменета и изнесува околу 420 квадратни километри.
Властите соопштија дека пожарот во департманот Жиронда е стабилизиран, но сè уште не е целосно ставен под контрола. Тие предупредуваат дека со порастот на температурите и намалувањето на влажноста на воздухот постои опасност пожарот повторно да се прошири.
Наредбата за превентивна евакуација се однесува на кампови, туристички населби, апартмански комплекси и рекреативни зони во близина на летувалиштето Лакано, вклучувајќи ги Лакано Океан и двете страни на езерото Лакано, соопштија регионалните власти на Жиронда.
„Се наоѓаме во многу чувствителна фаза. Ќе продолжиме да се бориме против пожарот и покрај најавениот пораст на температурите“, изјави за телевизијата BFMTV Ерик Брокарди, портпарол на Националната федерација на пожарникари на Франција.
Пожарот, кој беснее од минатата недела, се покажал како исклучително непредвидлив. Во одредени моменти прераснал во огнена стихија која сама се одржува, а зафатил подрачје четири пати поголемо од Париз и принудил околу 220.000 луѓе да ги напуштат домовите и сместувањата во туристички објекти.
Иако во последните 24 часа огнот не продолжил да се шири, официјалните лица предупредуваат дека тлеечката вегетација, растот на температурите и падот на влажноста можат да предизвикаат нови жаришта на големото пожарно подрачје.
Пожарникарите и воените инженери продолжија со изградба на противпожарни појаси со цел да се спречи понатамошното ширење на пламените јазици. Властите информираа дека досега се изградени 103 километри заштитни линии.
Во борбата со пожарите повредени се 93 пожарникари, соопшти префектурата.
Според податоците на Министерството за внатрешни работи, во Франција годинава досега изгореле повеќе од 116.000 хектари површина.
Западна Европа го забележа најтоплиот јуни во историјата на мерењата, а екстремните горештини и големата суша придонеле за ширење и интензивирање на пожарите во Франција и Шпанија, соопшти европската служба за климатски промени „Коперник“.