Свет

Франција ги забранува мобилните телефони во средните училишта

Франција ги забранува мобилните телефони во средните училишта

Франција воведува построги правила за користење на мобилните телефони во училиштата. Од почетокот на учебната 2026 година, употребата на мобилни телефони ќе биде забранета и во средните училишта, најави францускиот претседател Емануел Макрон.

Мерката претставува проширување на ограничувањата што во францускиот образовен систем се применуваат од 2018 година, кога користењето мобилни телефони беше забрането во основните училишта, како и во дел од средните училишта.

Макрон порача дека заштитата на децата од негативното влијание на екраните не смее повеќе да се одложува. Според него, училиштата треба да обезбедат средина со помалку дигитални одвлекувања и повеќе услови за учење.

Францускиот министер за образование, Едуар Жефри, посочи дека примената на забраната може да се приспособува според условите во конкретните училишта и локалните околности.

За спроведување на новото правило, средните училишта добија инструкции уште во јули, заедно со прирачник за постапување. Парламентот ја усвои мерката кон крајот на јули.

Сепак, училиштата треба да ги изменат и своите внатрешни правила, процес кој вклучува консултации со ученичкиот парламент и училишните одбори. Дел од училиштата не успеале да ја завршат постапката пред почетокот на учебната година, бидејќи во текот на летниот распуст биле затворени.

Со новата политика, француските власти се обидуваат да го намалат времето кое учениците го поминуваат со мобилните уреди во училишната средина и да создадат поголем фокус врз наставата и директната комуникација меѓу учениците.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни