Свет

Франција воведува целосна забрана за мобилни телефони во средните училишта

Франција воведува целосна забрана за мобилни телефони во средните училишта

Од почетокот на новата учебна година, која во Франција започнува следната недела, во сите средни училишта стапува во сила целосна забрана за користење мобилни телефони.

Одлуката во понеделникот ја потврди портпаролката на француската влада, Мод Брегеон, која соопшти дека францускиот претседател Емануел Макрон одлучил да го прогласи законот со кој се воведува оваа мерка, пренесува „Еуроњуз“.

„Уставниот совет ја потврди забраната за мобилни телефони во средните училишта. Претседателот на Републиката затоа одлучи да го прогласи законот, секако без членовите кои беа оценети како неуставни. Целта е веќе потврдените правила да почнат да се применуваат во стабилна правна рамка. Едноставно кажано, забраната за мобилни телефони во средните училишта може да стапи во сила од почетокот на новата учебна година, врз основа на правно заснован закон“, изјави Брегеон.

Исклучоци за настава и посебни програми

Законот предвидува можност за исклучоци за користење мобилни телефони за образовни цели за време на наставата, како и за одредени административни потреби.

Исклучоците би можеле да важат и за учениците кои посетуваат посебни образовни програми, како што се подготвителните паралелки за упис на престижните француски високообразовни институции, познати како „гранд екол“ (grandes écoles).

Сепак, мерката се воведува без претходно планираната забрана за пристап до социјалните мрежи за лица помлади од 15 години. Овој дел од законот Уставниот совет го отфрли претходно овој месец.

Премиерот Себастиен Лекорни најави дека владата веќе подготвува нова верзија на законот, која ќе биде усогласена со одлуката на највисокото правно тело во земјата.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни