Балкан

Гаражно место во Белград продадено за 54.000 евра, квадрат стан достигна 9.300 евра

Гаражно место во Белград продадено за 54.000 евра, квадрат стан достигна 9.300 евра

Пазарот на недвижности во Србија продолжува да бележи висока вредност, а најскапите трансакции и во вториот квартал од 2026 година се реализирани во Белград. Најскапиот квадрат стан достигнал околу 9.300 евра, додека едно гаражно место било продадено за дури 54.000 евра.

Според податоците на Републичкиот геодетски завод, вкупната вредност на пазарот на недвижности во Србија во вториот квартал од годинава изнесувала 2,2 милијарди евра. Тоа претставува раст од 8,1 отсто во споредба со истиот период минатата година.

Во периодот биле склучени вкупно 30.495 купопродажни договори, што е намалување од 5,4 отсто на годишно ниво.

Најскапиот стан бил продаден во белградската општина Савски Венац за 1,6 милиони евра. Токму во оваа општина е регистрирана и највисоката цена за квадратен метар – околу 9.300 евра.

Најскапата куќа, пак, била продадена во белградската општина Вождовац за 1,4 милиони евра. Најскапото гаражно место било продадено во општина Стари Град за 54.000 евра.

Становите имаат најголем удел во вкупната вредност на прометуваните недвижности. За нив биле издвоени 1,3 милијарди евра. Следуваат куќите со 175 милиони евра, градежното земјиште со 156 милиони, деловните простории со 119 милиони и земјоделското земјиште со 77 милиони евра.

Од вкупната вредност на пазарот, 369,7 милиони евра отпаѓаат на делумно регулираниот пазар.

Кога станува збор за начинот на плаќање, 15 отсто од сите прометувани недвижности биле финансирани преку кредити, што е исто како и во вториот квартал од претходната година.

Кредитите најчесто се користеле за купување станови. Кредитно плаќање било евидентирано во 34 отсто од договорите за купопродажба на станови, што е приближно на исто ниво како и една година претходно.

Во сите поголеми градови во Србија е регистрирано намалување на бројот на купопродажни договори во споредба со вториот квартал од 2025 година. Во Нови Сад падот изнесува еден отсто, во Белград 1,7 отсто, во Ниш 4,3 отсто, а најголемо намалување има во Крагуевац, каде што бројот на договори е намален за седум отсто.

Само за станови во Белград во вториот квартал биле издвоени 742 милиони евра, покажуваат податоците на Републичкиот геодетски завод.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни