Македонија

Гаши: Изјавите на Касами несериозни, Касами: Да се обединиме за да ја поразиме ДУИ

Претседателот на Алтернатива, Африм Гаши, во емисијата #10МИНУТИ рече дека неговата партија е подготвена да соработува со сите политички партии за изборите на 12 април. Тој истакна дека треба да има соработка и предизборни коалиции со политичките субјекти. Гаши не сакаше да ја коментира изјавата на Биљал Касами, претседател на Беса, велејќи дека не треба сите изјави да се земаат сериозно.

„Не е добро да се земат сериозно сите изјави дадени на телевизии. Животот е убав и краток, треба да уживаме, така што мислам дека треба да преминеме на следното прашање. Не вреди да се коментира секоја изјава на секој човек“, вели Гаши.

Пред еден ден, Биљал Касами, претседателот на Беса, изјави дека Африм Гаши направил грешка што станал дел од владата, но сепак изрази подготвеност да коалицира со сите политички партии, оставајќи ја вратата отворена и за партијата на Гаши.

„Доколку постојат дилеми дека таа соработка не може да ја тргне ДУИ од власт, тогаш исто така сме спремни да соработуваме со сите политички партии во опозиција, кои некој со добра или лоша намера ги опфаќа и неколкуте партии кои моментално се на власт со ДУИ. Доколку примарната цел е ДУИ да си тргне од Влада и да дојдат нови политички сили, ние сме подготвени да соработуваме со сите политички субјекти, освен со ДУИ“, рече Касами.

Додека албанските политички партии прават пресметки со кого ќе коалицираат, лидерот на СДСМ, Зоран Заев изрази подготвеност за проширување на коалицијата со други албански партии. Моментално Заев е во коалиција со три албански партии: ДУИ, Алтернатива и ДПА.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни