Генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Марија Шмид, ја заврши својата дводневна посета на Северна Македонија денес. Таа ѝ честиташе на земјата за претседавањето со ОБСЕ во 2023 година и понуди целосна поддршка во подготовката и остварувањето на оваа важна должност.
Шмид се сретна со претседателот на Северна Македонија Стево Пендаровски, премиерот Зоран Заев, министерот за надворешни работи Бујар Османи, и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. „Охрабрена сум од фокусот на Владата кон владеењето на правото, и борбата против организираниот криминал и корупцијата,“ рече Шмид. „Ќе дадеме сè од себе за да помогнеме во решавањето на постоечките и новите предизвици, вклучително и транснационалните закани.“
„Северна Македонија е севкупен придонесувач кон регионалната стабилност и безбедност, давајќи добар пример за своите соседи и пошироко,“ рече Шмид.
За време на нејзината посета, Шмид исто така се сретна и со претставници од локалното граѓанско општество со кои дискутираше за предизвиците поврзани со родово базирано насилство, социјална кохезија, младинско учество, добро владеење, и влијанието на КОВИД-19 врз најранливите групи на граѓани, како што се лицата со попреченост. „Соработката со граѓанското општество е клучен елемент во работата на ОБСЕ. Благодарна сум за можноста да научам повеќе за постоечките предизвици и да разговарам за тоа како ОБСЕ може дополнително да даде поддршка во нивното решавање,“ рече Шмид.
Шмид, исто така, ја посети и Теренската канцеларија на ОБСЕ во Тетово, се сретна со персоналот и разговараше за теренските активности на Мисијата насочени кон зајакнување на меѓуетничките односи и социјалната кохезија.
Клеменс Која, шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, кој ја придружуваше Шмид, рече: „Ние, во Мисијата во Скопје ќе продолжиме да ги поддржуваме клучните стратешки реформи во земјата и со нетрпение очекуваме да соработуваме со Владата во подготовките за претседавањето со ОБСЕ.“