ГЕРБ победи: Борисов на пат за четврта влада на Бугарија

Десничарската партија ГЕРБ, предводена од поранешниот премиер Бојко Борисов, победи на парламентарните избори во Бугарија, освојувајќи 25% од гласовите. Ова е седми избор во последните две години. ГЕРБ е за околу 10% пред реформската коалиција „Промените продолжуваат“ и Демократска Бугарија.

Конечните резултати ќе бидат објавени денеска, а ако прелиминарните податоци се потврдат, Борисов ќе добие мандат за четврта влада, но ќе треба да најде коалициски партнери. Политичките аналитичари предвидуваат можност за нови избори, бидејќи сегашните резултати не се значително различни од претходните.

Се вчитува...

На последните избори во јуни, немаше јасен победник и парламентот не успеа да формира стабилна коалиција. Набљудувачите сметаат дека актуелната ситуација ќе доведе до потешки преговори, бидејќи во парламентот би можело да влезат девет партии.

Постои ризик Бугарија да загуби милијарди евра од фондовите на ЕУ поради недостаток на реформи, што дополнително би го одложило пристапувањето во Шенген зоната и еврозоната.