Амбасадорот на Украина во Германија, Олексеј Макеев изјави дека добил ветувања од Берлин за дополнителни испораки на оружје за неговата земја, јави ДПА.
„Во директни разговори нè уверија дека ќе добиеме повеќе оружје и повеќе муниција. Какви ќе бидат точно ќе соопштиме во догледно време“, изјави Макеев за Велт ам Зонтаг.
Амбасадорот на Украина рече дека не сака да врши дипломатски притисок врз германската влада, но ја повика Германија побрзо да го испорача она што го има „затоа што немаме време повеќе да чекаме за оружје“.
Во интервјуто објавено денеска, Макеев наведе дека на Украина и се потребни повеќе системи за противвоздушна одбрана, самоодни хаубици и муниција за првите линии.
Покрај тоа, ние сè уште водиме разговори за набавка на Мардер (оклопни пешадиски возила) и борбени тенкови Леопард, рече тој. Сепак, одлуката зависи од германската влада, рече Макеев.
Германскиот канцелар Олаф Шолц досега одбиваше да испорача борбени тенкови Леопард 2 бидејќи ниту една друга земја на НАТО не испорачала такви машини на Украина.
Во петокот, САД сигнализираа дека не гледаат пречка за таквите испораки. Но, одлуката мора да ја донесе Германија, изјави за новинарите заменик-државниот секретар на САД Венди Шерман за време на нејзината посета на Берлин, пренесува БТА.
Макеев рече и дека германската влада му ветила дека нема да има разговори со Русија без согласност на Киев. Добив експлицитно уверување дека нема да има преговори со (рускиот претседател Владимир) Путин доколку не ги сакаме.
Во моментов, рече амбасадорот Макеев, на Украина не и требаат посредници, туку сојузници.
„За мирот во Украина не може да се преговара, тој мора да се добие. Кога канцеларката вели дека Украина ќе добива помош онолку долго колку што е потребно, тоа значи дека поддршката мора да продолжи се додека последниот руски војник не ја напушти нашата земја – вклучително и од Доњецк, Луганск и Крим, кога ќе се платат репарациите и кога ќе бидат осудени воените злосторници“. нагласи Макеев.